Галиште
Галиште е веќе раселена населба, се наоѓа на крајот од југозападниот дел на територијата на Општината Кавадарци, чиј атар, во Мариовската област, се допира со територијата на Општината Витолиште. Селото е планинско, на надморска височина од 740 метри. Од градот Кавадарци, населбата е оддалечена 31 км. Атарот е мошне голем и зафаќа простор од 52,1 км2. На него доминираат шумите на површината од 4.011,7 ха, на обработливото земјиште отпаѓаат 155,3 ха, а на пасиштата само 16,7 ха. Во основа, селото има полјоделско - шумарска функција. Во постаро време населбата била веројатно поместена, бидејќи недалеку од Галиште постои црква „Св. Атанас", за којашто се претпоставува дека била изградена при крајот на XVII век.