1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Карнеги извештајот за Балканските војни повторно во фокусот на историчарите

Силвера Падори-Кленке5 јули 2013

Експерти по историја и меѓународно право два дена во Лајпциг дискутираат за создавањето, значењето и рефлектирањето на извештајот на Карнегиевата комисија за Балканските војни и последиците од нив.

https://p.dw.com/p/192ai
Фотографија: picture alliance/akg-images

Сто години по Балканските војни (1912-1913) во фокусот на научниците (историчари, правници) повторно се враќа извештајот на Карнегиевата комисија. Станува збор за документ, кој за научниците е интересен од повеќе аспекти, особено ако се има предвид дека и покрај фактите изнесени на повеќе од 400 страници, во суштина Извештајот вистински и не бил анализиран, а уште помалку се рефлектирал врз подоцнежните процеси на Балканот. Затоа на Извештајот, условите во кои е создаден, неговите создавачи и прифатеност од актерите на Балканските војни (на насловната фотографија - бугарски офицери по заземање на турска тврдина во октомври 1912 година) и воопшто меѓународната јавност, вчера и денес (04/05.07) во Центарот за историја и култура на Источна и Средна Еропа на Универзитетот Лајпциг, расправаат експерти од Германија, Австрија, Балканот и САД, чија специјалност се токму војните од 1913-та и 1914-та.

Македонија најмногу спомнувана

„Извештајот е вистинска хроника. Има 51слика, 37 се од цивили, 8 карти од кои 4 се однесуваат на Македонија. Освен ова, во четири од вкупно седум поглавја се говори за Македонија, која де факто е цело време присутна. Војната се анализира од 16 аспекти. Извештајот всушност претставува агресивна пропаганда против војната. Изготвен и финансиран од приватна фондација, тој не бил наменет за владите, туку за широката јавност до која требаше да стаса преку библиотеките“, подвлече на првиот ден од дискусијата Надин Акхунд, доктор по историја на Универзитетот Колумбија и на париска Сорбона, чија специјалност е токму Балканот, националниот идентитет и исламот.

Balkan Krieg 1912 Belagerung Adrianopel Bulgarien Truppe
Фотографија: picture-alliance / akg-images

Во историјата на меѓународните односи и институции, Извештајот кој е објавен на почетокот на 1914 година, како што подвлекоа експертите, бил новитет од повеќе аспекти. Тој бил прв ваков документ создаден и финансиран од приватна иницијатива на Карнеги фондација од Америка. Зад идејата да се испитаат причините и начините на војувањето стоел проф. д-р Николас Батлер, кој според сознанијата до кои дојде експертот по меѓународно право Синди Даазе, бил вистински „колекционер на титули и знаења“, арогантен, но се залагал за мирољубив и цивилизиран свет, во кој главен столб би било јавното мислење.

Историчарите и експерти по право низ светските архиви се обидоа да дознаат што повеќе и за членовите на Комисијата, која ја чинеле образовани луѓе со познавања на јазиците од кругот на Карнеги фондацијата или блиски до неа. Интересен е податокот дека во обемните анализи на Балканските војни во Извештајот јасно и прецизно не се наведени ниту изворите од каде се црпени податоците ниту пак авторите (кој од членовите на Комисијата што изработил). Преку обемниот материјал, во кој има и многу фотографии, практично за првпат во еден документ водењето на војните се толкува како етничко чистење.

Интересите на големите сили

Историчарите се единствени дека членовите на Комисијата кои стојат зад Извештајот, биле извонредни познавачи на Балканот. Така, на пример, како што вели проф. Штефан Требс, во животот на Хенри Браилсфорд Македонија била како црвена нишка, која ја запознал уште на почетокот на 20. век како британски дописник во Отоманската империја. Таму често патувал (пред и по Илинденското востание), па се залагал за културна автономија на Македонија во Отоманската империја. Подоцна ги променил позициите и по двете војни како опција не го исклучувал и евентуалното приклучување на Македонија кон Бугарија, но во никој случај кон Србија или Грција. Павел Миљуков, пак, член на руската Дума, кој бил познат како пацифист и хуманист, како што вели проф. Томас Бон (Јустус Либиг Универзитет во Гисен), барајќи решение за македонското прашање на крајот „картата ја ставил на бугарска страна“. Поточно, тој иако бил извонреден познавач на состојбите на Балканот, во преден план ги ставил политичките интереси на Русија, која повеќе сакала да има еден силен сојузник на Балканот (Бугарија) отколку слаб вазал!

Balkankrieg Friedensvertrag London 30.05.1913
Потпишување на мировниот договор во Лондон во мај 1913 годинаФотографија: picture-alliance/akg-images