Зовиќ
Од како ќе се премини мостот на Црна Река кај месноста позната како Чебрен, Зовиќ е првото село во Горно односно Старо Мариово и се наоѓа на левата страна од патот на надморска височина од 725 метри. Во минатото Зовиќ се нарекувало и Б’зовиќ и се претпоставува дека селото името го добило по бозјето (Sambucus nigrа) што се наоѓало во изобилије во и околу самото село.
Зовиќ е најпознато по мостот на Градешка Река која тече во непосредна близина на селото образувајќи го своето клисуресто корито во карпестиот предел. Мостот бил поставен уште во турско време но бил изграден од дрво и по кажување на Миле Марковски жител на с. Зовиќ, во 1955 година тој се срушил под теретот на една запрежна кола заедно со се воловите и стопанот кој ја водел. Човекот преживеал со незначителни повреди а селаните се организирале и повикале мајстори за да се изгради нов мост. Мостот бил изграден поточно изѕидан во 1956 година од страна на мајсторите Ѓуладин и Трајко Секирков и претставува право ремек-дело кое совршено архитектонски се вклопува во околната природа. Мостот осебно стана атрактивен и започна да привлекува домашни и странски посетители откако Милчо Манчевски на него сними неколку сцени од својот филм “Прашина” (2001) и на тој начин допринесе за неговата популарност.
Преку мостот се преминува за прилепскиот дел на Мариово, кон селата Бешиште и Полчиште.
Денес во Зовиќ живеат околу 20-тина жители.