Градешница
Градешница се наоѓа во близината на пограничните планински венци Ниџе, Кравица, Козјак и Добро Поле. Во такво опкружување и со местоположба на околу 800 метри надморска височина во Градешница и нејзината околина претежно преовладува планинска клима. Низ самото село минува Градешка Река која од секогаш играла животворна улога за месното население.
Кога точно настанало селото Градешница не се знае, но според пишаните документи можи со сигурност да се тврди дека е една од постарите селски населби во Мариово. Една од легендите кажува дека многу одамна на денешното место се населиле неколку семејства од соседните села Грмаје и Лешница при што се формира селото Градешница. Населбата Грмаја, која се наоѓала во месноста Грмадите и селската населба Лешница која се наоѓала крај истоимената река, денеска не постојат.
Во 1961 год. Градешница броела 175 домаќинства со околу 1019 жители, но за жал со миграционите процеси кои го зафатија Мариово, во Градешница денес останаа едвај 70-тина жители на возраст во просек над 65 години.
Населението во Градешница како и во целото Мариово од памтивек па до ден - денешен со голема почит се однесува кон христијанските празници и православната христова вера. Покрај повеќето празници кои се прославуваат како Божиќ, Богојавление - Водици, Велигден и други, уште од многу одамна во Градешница за селски празник е прогласен Свети Илија - Илинден. На овој семакедонски празник целото население од Градешница оди во манастирот Св..Илија, кој се наоѓа во месноста Брен недалеку од селото. Таму се приготвува богат манастирски ручек, се колат и по неколку јагнина и овци кои се подарени од селаните сточари. Исто на овој празник голем број од раселените градевци се враќаат дома, како за да се видат со своите роднини и пријатели, така и за да го дочекаат празникот на своите родни огништа, и притоа во секоја селска куќа се приготвува богато јадење за гостите.
Во Градешница има повеќе цркви посветени на разни светители, Св. Никола, Св. Ѓорѓи, Св. Димитрија, Св. Атанас - Атанасица, Св. Спас и други, кои сведочат за културното и духовното богатство на луѓето од ова поднебје.
...Низ историјата населението на Градешница како и на цело Мариово, пребродило многу тешки периоди, како под османлиска власт, Балканските војни, Првата светска војна, под српска власт, Втората светска војна (под бугарска власт), и на крај социјализмот со неговата колективизација. За време на Првата светска војна, Градешница скоро целосно била уништена и опожарена а од кажувањата на старите градевци единствено не биле срушени “....куќата на Ковачевски и црквата Св. Димитрија” врз чиј покрив паднала граната, но не експлодирала. Причина за ваквата трагедија било тоа што тука поминувала линијата на Солунскиот фронт и во околината на Градешница се воделе жестоки борби. Дури и денес после скоро еден век околу Градешница можат да се забележат насилни промени во конфигурацијата на теренот од ископаните ровови и жестоките гранатирања а понекогаш можат да се најдат и разни неексплодирани гранати, шлемови, бајонети, матарки, рѓосани цевки од пушки, топови и друго. Во 2007 година “The Associated Press”, “BBC News” и повеќе други медиуми објавија дека во близината на Градешница се откриени неколку шишиња на редок француски коњак од Првата светска војна, и дека вредноста на секое шише поединечно може да достигне цена до 5000 евра.
...Интересно е да се напомене и тоа, дека според легендата во Градешница е роден и Итар Пејо, лик од народните преданија и сказни отелотворение на мариовската мудрост и шегобијност.