include('control/inc/access.php'); include('control/mod/functions.php'); include('config.php'); ?>
БАЛКАНСКА ПРИКАЗНА
Османлиското присуство на Балканот траеше од 14-от до 20-от век. Во некои региони ова присуство беше континуирано, во други прекинувано (во Мореа односно Пелопонез, на пример), а други пак никогаш не го почувствуваа османлиското освојување (на пример Јонските острови и Далматинскиот брег). Сепак, речиси за целото население на Балканскиот Полуостров, османлискиот период претставува важен дел од нивното историско искуство. Во голема мера оваа историја е непозната, или пак е толкувана од различни перспективи на секоја земја. Ова се должи на фактот што христијанските народи на Балканот ги формираа своите нации-држави најчесто преку воен конфликт со Османлиската Империја. Овие конфликти силно ги нагласија религиозните разлики помеѓу христијаните и муслиманите. Во исто време, појавата на западноевропскиот модел доведе до маргинализација на културното значење на османлискиот период. Како резултат на тоа, Османлиската Империја стана препознатлива по културната „заостанатост“ и сите нејзини следбеници ја сметаа за „непосакувано наследство“. И покрај тоа, околу 600 години христијаните, муслиманите и Евреите живееја заедно во урбаните и руралните средини, ја обработуваа земјата, си помагаа во продавниците, се среќаваа и се забавуваа во чаршиите и кафеаните. Османлиското општество беше, секако, општество на хиерархија и дискриминација помеѓу оние кои владееја и народот. За рајата (оние кои плаќале данок) секојдневниот живот бил суров, полн со конфликти и тешкотии. Денес, сеќавањето на овој период останува зачувано во објектите кои ја промениле намената, или пак целосно избледеле поради запоставеност и уништување. Сепак, без оглед на нивната состојба, руинирани или зачувани, објектите од османлискиот период, приватни и јавни, христијански, муслимански и еврејски, остануваат како документи за заедничката историја, историја која ја споделувале народите на Балканот приближно шест века. Современите фотографии од овие споменици ни овозможуваат да го видиме османлиското наследство во едно поинакво светло, да го преиспитаме нашето заедничко минато и да ја раскажеме нашата балканска приказна.ОСВОЈУВАЊЕ
Многумина веруваат дека Балканот беше освоен од Османлиите по падот на Константинопол (Цариград, Истанбул) во 1453 г. Сепак, вистината е дека голем дел од Балканскиот Полуостров веќе беше освоен во 14-от век, а султаните во почетокот на 60-тите години на споменатиот век ја лоцираа својата палата на територијата на Европа, во Адријанопол (Едрене). И покрај немирите и дестабилизацијата предизвикани од нивниот пораз од страна на Тамерлан во битката кај Анкара (1402 г.), Османлиите конечно го завршија своето освојување на Балканот кон крајот на 15-от век. Тие два пати се обидоа да ја освојат и Виена, во 1529 г. и во 1683 г., но нивниот освојувачки поход во Европа дефинитивно беше прекинат пред виенските градски ѕидини. Со територијалната експанзија, од 14-от до крајот на 17-от век, номадското кнежевство на османлиската династија стана исламска империја, која водењето света војна против христијанскиот запад го сметаше за своја должност. Кога за време на владеењето на султанот Сулејман Величествениот го достигнала својот врв, Османлиската Империја се протегаше од Дунав до Нил. Балканот во текот на шест века беше важен дел од оваа империја. Османлиите се проширија на Балканот на запад, кон римската Виа Игнација, која, преку Серез и Монастир (Битола), водеше до брегот на Албанија, како и северно, кон Филипополис (Пловдив) и Софија, сè до Белград. Муслиманското население од Анадолија водено од војската се насели во освоените територии. Преминувањето во ислам, доброволно или не, и движењето на населението постепено го променија демографскиот профил на Балканскиот Полуостров. Со османлиското освојување еднакво драматична беше и промената на изгледот на балканските градови. Откако Османлиите ќе освоеја град, тие веднаш големите цркви ги пртвораа во џамии, или градеа нови, импозантни џамии со високи минариња и други „јавни“ објекти: безистени (покриени пазари), амами (јавни бањи), имарети (јавни кујни, односно комплекси од сакрални и профани објекти), анови/каравансараи (гостилници), турбиња (гробници). На тој начин урбаниот пејсаж на Балканот доби „османлиски” карактеристики, отсликувајќи ја новата политичката реалност. Османлиите навистина се обидоа да го направат нивното освојување „впечатливо“.ЗАЕДНИЧКО ЖИВЕЕЊЕ
Османлиското општество беше строго хиерархиско. Општествените односи беа регулирани преку дискриминацијата помеѓу муслиманите и немуслиманите од една страна, и помеѓу владеачката класа, која не плаќаше данок, и субјектите кои плаќаа данок, без разлика на верата, од друга страна. Немуслиманските жители на империјата беа сметани за институционално инфериорни во однос на муслиманите, но сепак имаа право да ја практикуваат својата религија и да поседуваат имот. Ваквата хиерархија, исто така, се рефлектираше и во организацијата на градовите. Во османлиските градови понекогаш постоеја одделни населби за муслиманите, христијаните и Евреите. Но, во секој случај, тие сите заедно живееја во уличките и чаршиите на своите градови. Безистенот беше срцето на градот, место за средби и трговски центар. Всушност, Евлија Челеби во 17-от век издвоил два вида на османлиски градови, во зависност од тоа дали во нив имало безистен или не. Во сите три религии водата беше симболично поврзана со внатрешната чистота. Куранот предвидувал неколку ритуали со водата, особено со протечната вода. Тоа е причината зошто амамите беа градени во сите османлиски градови. Тие беа двојни, со посебни простории за мажи и жени, или единечни, отворени за мажи и за жени, но во различно време. Амамите беа центар за дружење, особено за жените, пред сè, муслиманките. Лејди Мери Вортли Монтагју (Lady Mary Wortley Montagu), сопруга на британскиот амбасадор во Истанбул, во 18-от век нив ги нарекуваше „кафеани за жени“. Дарувањето вода, според Куранот, беше голем добротворен чин и многу богати муслимани, дури и султаните, донираа средства за градење на, повеќе или помалку, раскошни фонтани. Преовладуваше мислењето дека јавните работи беа одраз на побожност и милосрдие и не се сметаа за активности на државата. Османлиските градови беа преполни со градежни комплекси направени за добротворни цели. Овие градби беа типични вакафи, односно, добротворни институции посветени на Бога. Меѓуградските контакти беа олеснети од широка мрежа на патишта, каде цврстите, засводени мостови играа важна улога. Караваните на трговците патуваа низ Балканскиот Полуостров и Централна Европа, отворајќи можности за комуникација и размена на производи и идеи.ОБОЖУВАЊЕ
За време на османлискиот период религијата претставуваше клучен елемент, не само за идентитетот на луѓето, туку и за нивниот секојдневен живот. Заедничките обреди поврзани со раѓањето, бракот и смртта, обичаите за исхрана, начинот на размислување и делување, беа тесно поврзани со религијата. Ова е причината зошто светите места за практикување на верата беа најважните точки во османлиските градови. Османлиската држава несомнено беше исламска држава, во голема мера заснована на светото право на исламот – шеријатот. Меѓутоа, за да функционира оваа огромна, мултиетничка држава, неопходно беше да се интегрираат и немуслиманите и да бидат признаени нивните верски лидери. Светиот закон на исламот – шеријатот, им даде право на христијаните и на Евреите да ги одржуваат своите цркви и синагоги, но не и да градат нови. За секоја поправка се бараше дозвола од османлиската власт, без разлика дали од локалниот судија (кадија) или дури и од централната администрација во Истанбул. Но во пракса, османлиската држава покажа реализам и флексибилност, така што и покрај официјалната забрана, беа изградени нови цркви и синагоги. Покрај тоа, имаше доста простор за слободно организирање на животот на локално ниво. Сепак, од страна на дел од фанатичната улема (муслиманската верска интелигенција) или од страна на локалните османлиски моќници, имаше одредени насилни постапки насочени против другите религии. Постоеше особено непријателство против католиците, бидејќи Папата се сметаше за најголем непријател на султанот. Османлиските власти го променија својот став веднаш по војната со Хабсбурзите (1683-1699 г.). Сепак, во периодот на Танзиматот, односно на реформите и либерализацијата на верската политика во 19-от век, беа подигнати многу повеќе цркви, вклучувајќи и католички. Соживотот на различните верски заедници се одвиваше во просторот покрај џамиите, црквите и синагогите. Важно беше и присуството на дервишките редови, чиј живот се вртел околу нивните засолништа т.е. теќињата. Дервишките редови ја претставуваа мистичната и популарна верзија на исламот која, исто така, стана многу популарна и на Балканот.МОДЕРНИЗАЦИЈА
19-от век беше време на Танзиматот, односно на реформите спроведувани помеѓу 1839 и 1876 г. од султаните Абдулмеџид и Абдулазис, со цел создавање модерна држава според европски модели. Контактот со Западна Европа, со нејзините обичаи и култура почнаа многу брзо да влијаат врз жителите на Османлиската Империја. Христијанските трговци и образованите луѓе кои патуваа во Западна Европа, всушност, во својот багаж донесоа многу нови идеи и модели. Драматичните промени што се случија во 18-от век во економијата, општеството и во политиката во Европа, одекнаа и во Османлиската Империја. И додека таа бараше да биде сметана за еднаква со европските држави, во исто време продолжи со своето апсолутистичко владеење врз своите поданици. Османлиската модернизација, всушност, беше предизвикана со појавата на националните балкански движења, особено со успехот на грчката борба за независност. Националистичката идеологија, парламентарните институции, современата армија која се бори за татковината, централната администрација, беа елементи на европските нации-држави во 19-от век. Наспроти овој меѓународен и локален развој, Османлиската Империја ја промовираше идеологијата на „Османизмот“, односно идеологијата за рамноправност на муслиманите и немуслиманите, нешто што јасно се разликуваше од принципите на муслиманскиот свет закон - шеријатот. Сепак, промените беа далеку пошироки и подлабоки. Парната машина, банките, железниците, фабриките, телеграфите, сите тие го променија животот на муслиманите и немуслиманите во градовите. Самата слика на Османлиската Империја драматично се промени. Под влијание на Западот нови трендови во архитектурата, сликарството и музиката ја зафатија империјата. Присуството на жените во јавноста, исто така, се промени. Муслиманките беа вработувани во училишта за девојчиња како наставнички. Високата Порта (османлиската влада) сега постави за цел масовна едукација во согласност со западните модели. Во голема мера модернизацијата значеше вестернизација. Саат-кулите може да се сметаат како олицетворение на модернизацијата во урбаните средини. Лоцирани на видливо место, така што сите може да ги видат, тие ја рефлектираа радикалната промена во перцепцијата на времето наспроти традиционалното мерење со повик на муезинот за молитва од минарето. За да се прослави 25-годишното владеење на султанот Абдулхамид II беа изградени повеќе од 100 саат-кули низ Османлиската Империја (1901–3 г).ЗАБОРАВЕНО & ЗАПАМЕТЕНО
Османлиската Империја конечно се распадна во 1923 г. Турската република го зазеде своето место заедно со низа други држави, кои постепено се формираа од почетокот на 19-от век. Сите балкански држави, па дури и современата кемалистичка Турција, бараа да се искорени сеќавањето на Османлиската Империја и да се разликуваат од сè она што било „османлиско“, а кое се сметаше за несоодветно за модернизација и „напредок”. Поттикнувањето на различните национални карактеристики во секоја нација-држава, наложуваше бришење на мултиетничкото османлиско наследство. Идеалот за национална хомогеност, покрај тоа, водеше до асимилација или прикривање на различноста. Овој развој беше поттикнат од главните демографски промени што се случија на Балканскиот Полуостров во 19-от и 20-от век. Војните, миграцијата и размената на населението, драматично и насилно ја променија урбаната и руралната слика. Во некои региони повеќе немаше муслимани за да ги користат џамиите. Во други, пак, беа напуштени православните манастири. Втората светска војна и холокаустот доведоа до трагичен крај на вековното присуство на еврејските заедници на Балканот. Еврејските синагоги и маала беа напуштени. Природните катастрофи, како земјотреси и пожари целосно уништија градски реони, кои никогаш не беа обновени или пак беа обновени со нов „модерен“ дизајн. Широките авении и новиот урбанистички план на балканските градови ги заменија старите османлиски улички; станбените згради ги засенија имаретите и турбињата (гробниците), додека, пак, џамиите лишени од нивните високи минариња, исчезнаа во густата урбана средина. Меѓутоа, сеќавањето на османлискиот период сè уште постои во имињата на места, кои се спротивставуваат на обидите на централната власт да ги промени, во објектите за богослужба, како џамиите, синагогите и текињата, кои повторно се користат, а во последните години и во информативни активности на националните и локалните субјекти за зачувување на историското наследство кое е предмет на повторна евалуација.